Политика

Почнуваат консултациите за уставните амандмани

24.10.2018 15:46

Почнаа консултациите за изработка на нацрт текстот на уставните амандмани. Премиерот очекува целиот процес да заврши до крајот на месецов. Заев вели дека е поготвен за сугестиите од опозицијата за содржината. ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе Предлог- закон за амнестија за сите инволвирани во случувањата на 27-ми април. Алијансата на Села и БЕСА на Касами, најавија дека ќе поднесат амандмани кои ќе се однесуваат на употребата на албанскиот јазик...

Останувам отворен за вклучување на опозицијата во делот на сугестии за зајакнување на идентитетот, гаранцијата на определбата и гласањето во Грција, нашата интеграција во ЕУ, рече премиерот Зоран Заев, одговарајќи на прашање кога ќе ги достават уставните амандмани што ги изготвуваат до Собранието.Тој најави дека ќе има почетна консултативна средба со пратеничките групи за да биде се во согласност со формално-правните процедури. Многу е важно целиот процес, со чување на комплетното достоинство на секој поединец, на секој пратеник или на кој било граѓанин во државата, на внимателен начин успешно да го финишираме, додаде премиерот Зоран Заев

Од Алијансата на Албанците и од Движењето Беса остануваат на своите ставови дека во процедурата за уставни измени ќе поднесат амандмани за рамноправниот статус на албанскиот јазик на целата територија на државата. Според претседателот на Алијансата на Албанците, за нив поеднакво се важни правата на Албанците и евроантлантските интеграции на земјава.

Од Движењето Беса потенцираа дека тие ќе предложат 4 амандмани за промена на преамбулата, за официјалниот карактер на албанскиот јазик, за член 49 и за амандманот кој ќе го регулира потпишувањето на законите од шефот на државата.

По доставување на нацрт-амандманите од Владата треба да поминат најмалку 30 дена за да се стават на гласање на пленарна седница. По оваа фаза доколку се излагасаат со апсолутно мнозинство со 61, одат на јавна дискусија, по што владата повторно за 30 дена, треба да подготви предлог-амандмани. За конечната одлука за усвојување на амадмани е потребно двотретинско мнозинство, односно 80 гласа.

Игор Панов