Олеснување на трговијата преку Овластени економски оператори
Досега, во процедура се само две апликации за Овластен економски оператор. Од Царинската управа велат дека на овој начин компаниите ќе добијат можност за скратени царински процедура, а бизнисот со став – процесот бара исполнување на високи европски стандарди кои допрва треба да се имплементираат.

Царинската управа и Сојузот на стопански комори го промовираа концептот на Овластен економски оператор, што претставува меѓународно признаена марка за квалитет. Станува збор за домашни оператори, како производители, извозници и увозници, шпедитери и транспортери во меѓународен синџир на снабдување кои се безбедни и сигурни, а нивните царински контроли и процедури се ефикасни и усогласени со меѓународни стандарди.
„Не е толку бројката што е неопходна за да се отпочне со овластениот економски оператор, ниту е потребата процедурата да биде лесна, ниту да ја има секој. Важност на тоа е секој оној што ќе ја има практично оваа марка на себе е оној што ќе биде означен како сигурен, како стабилен партнер, без разлика дали се работи за областа на транспортот и шпедицијата, или од областа на производството каде што врши сопствен извоз во државите од регионот. Важно е што ќе има поедноставени процедури, ќе им се скратува времетраењето“, вели Данела Арсовска, претседател на Сојуз на стопански комори на Македонија.
Бизнис- заедницата со став дека ова е предизвик што ќе ја подобри конкурентската предност на компаниите на домашниот и на странскиот пазар. Долгорочно ќе имаат поедноставени, побрзи и поевтини постапки, што е особено важно за извозно ориентираните компании.
„Досега имаме две апликации. Едната е шпедитерско- транспортна фирма, а другарта е производствена. Времето кое што е потребно се движи од 30-40 дена до максимално дадениот рок од 120 дена, што и не мора да значи дека е потребното време. Тоа зависи од условите кои што ги има исполнето самата компанија за да се здобие со овој статус“, изјави Ѓоко Танасоски, директор на Царинска управа на Р. Македонија.
Регионално најдалеку е отидена Молдавија каде што за една година 120 компании се здобиле со статус на Овластен економски оператор, а во соседна Србија тој број е 12. Според проценките на бизнис- заедницата се очекува во земјава условите за овластен економски оператор да ги исполнат околу 150 фирми.
Свето Николовски
