Во Париз можна средба Путин- Трамп
Најава за втор билтерален состанок на лидерите на САД и Русија, Трамп и Путин во Париз по московската средба меѓу рускиот претседател и американскиот советник за национална безбедност, Болтон. Кремљ загрижен поради планот на Вашингтон за повлекување од тридеценискиот договор за уништување на ракетите со среден дострел. Од Белата куќа обвинуваат дека Русија не ги почитува обврските. ЕУ бара решение за спорот...

По средбата со американскиот советник за национална безбедност Џон Болтон, рускиот претседател Владимир Путин изрази подготвеност за продолжување на дијалогот со својот американски колега Доналд Трамп и покрај, како што вели „непријателските чекори“ на Вашингтон. По 90-минутниот разговор во Москва беше постигнат прелиминарен договор за втора билатерална средба меѓу двајцата челници, овој пат во Париз на одбележувањето на крајот на Првата светска војна идниот месец. Главна тема на релација Москва-Вашингтон е планот на САД за повлекување од Договорот за уништување на ракети со среден дострел (ИНФ) од 1987 година.
„Изненадени сме што САД, без никаква причина, преземаат чекори кон Русија кои не може да се наречат „пријателски“. Ние не реагиравме на ниеден од нив, а тие и натаму продолжуваат. Корисно е да размениме мислење за стратегиската стабилност, разоружувањето, регионалните конфликти. Колку што се сеќавам, имате орел на грбот, во една канџа држи 13 стрели, во другата држи маслиново гранче како симбол на мировната политика, 13 маслинки. Имам прашање: дали Вашиот орел ги изел сите маслинки и ги оставил стрелите?“, изјави рускиот претседател Владимир Путин.
Болтон потенцираше дека поради промените во технологијата се сменила и стратегиската реалност, па двете страни мора да се справат со новиот тренд. Вашингтон и натаму тврди дека Русија не ги почитува обврските од спогодбата. Слични обвинувања кон Москва беа изнесени и во мандатот на поранешниот претседател на САД Барак Обама.
„И покрај нашите несогласувања поради различните национални интереси, важно е да работиме во областите каде што има можност за соработка. Дискутирав со советниците за национална безбедност од Русија, и благодарен сум за можноста да зборувам со вас во името на претседателот Трамп. Се надевам дека ќе ви дадам одговори, но не ви донесов никакви маслинки. Постои нова стратегиска реалност. Ова е билатерален договор за балистички проектили од Студената војна во мултиполарен свет. Проблемот е што Русија го прекршува Договорот во Европа. Заканата не е американскиот излез од него, туку распоредените руски проектили“, рече советникот за национална безбедност на САД, Џон Болтон.
Европските лидери не ги спорат обвинувањата на САД за руската измама, но изразија загриженост дека планот на Трамп може да доведе до нова трка за нуклеарно вооружување. „Спогодбата придонесе за крај на Студената војна и е столб на европската безбедносна архитектура откако влезе во сила пред 30 години“, се вели во соопштението од официјален Брисел. Потенцираа дека со документот биле елиминирани 3000 проектили со нуклеарни и конвенционални боеви глави, барајќи од САД и Русија итно да ги надминат разликите за ова прашање.
Маја Филдишев
