ЕУ ја засилува контролата на надворешните граници
Европската унија воведува позасилена гранична контрола на надворешните граници. Новиот информациски систем во Шенген- зоната ќе собира повеќе биометриски податоци за луѓето кои влегуваа во ЕУ за да се зголеми безбедноста...

Европската унија воведува нов систем на граничните премини и соработка на полицијата и судството за заштита на надворешните граници. Со огромно мнозинство Европскиот парламент одобри нов Шенген информациски систем.
„Бидејќи немаме внатрешни граници во Европа, нашите надворешни граници се заеднички. Затоа, ако некој се обидува да влезе во Франција влегува и во Германија, потребно е полицијата да соработува, да разменува информации за лицата што влегуваат во Шенген- зоната и за границите што ги контролира. Затоа системот Шенген е најмоќното и најкористено орудие на полицијата и на граничните чувари во Европа“, вели Карлос Коељо, известувач на ЕП.
Со новиот информациски систем во Шенген- зоната ќе се собираат информации за лицата кои не се државјани на ЕУ, биометриски податоци, отпечатоци од прсти, ДНК, фотографии и регистрации на возила. Целта е да се спречи влез на лица кои се закана по безбедноста во земјите- членки на ЕУ. Бугарија, Романија, Хрватска, Кипар и Ирска ќе бидат земјите- членки што ќе спроведуваат позасилена гранична контрола на надворешните граници на Унијата.
„Со новиот систем, ќе бидеме во можност да спречиме киднапирање на деца. Ќе можеме да ги набљудуваме странските борци, што значи ќе се зголеми безбедноста. Со новиот систем, ќе имаме нови биометриски податоци. Зборувам за отпечатоци од прсти, ДНК и фотографии. Тоа значи дека видовите контрола што ги спроведуваме ќе бидат позасилени. Со новиот систем, ќе можеме да се справиме со главните проблеми што ги имаме сега, поврзани со имиграцијата и безбедноста на граѓаните. Со новиот систем ќе бидеме во состојба да ја заштитиме Шенген- зоната на слободно движење и да им кажеме на нашите државјани дека можат слободно, но и на безбеден начин да се движат низ Европа“, нагласува Коељо.
Оваа одлука ќе влијае на македонските државјани кои заминуваат во Унијата. Во Македонија има странски борци што се вратиле од боиштата во Сирија и Ирак, па тие и членовите на нивното најтесно семејство ќе се најдат под лупа на европските гранични служби. Од македонските институции ќе се побара поголема соработка и размена на информации за лицата кои што можат да бидат безбедносен ризик.
Ирина Гелевска
