Европски ден на граѓанската правда

Димовска: На судството му е потребна реформа

25.10.2018 12:58

На судството му е потребна реформа, независно тело треба да преиспита дали судиите добро си ја вршат работата или не. Перцепцијата не смее да остане на констатацијата дека судат спротивно на законите, вели судијката Димовска на отворениот ден во Врховниот суд. Апел до граѓаните да се пријавуваат случаите на поткуп и влијанија врз судството...

Граѓаните да бидат поинформирани како се доаѓа до судот и правдата, но и судството да биде поотворено за нив. Перпцепцијата за лошо судство не смее да остане само на констатацијата дека судиите се поткупливи, дека судат под влијанија спротивно на законите. Граѓаните треба да пријавуваат затоа што тие судии имаат име и презиме и секој од нив треба да сноси одговорност, вели долгогодишната судијка во Граѓанскиот суд, Антоанета Димовска. Сепак, вели, надеж има, работите се придвижуваат со самото тоа што судиите го лоцирале проблемот.

Според Димовска, судиите не би требало да коментираат за амнестијата како политичка одлука, но како граѓанин таа е против неа зашто смета дека секој треба да одговара за тоа што го сторил.

За недовербата во судството покажуваат и најголемиот број судски претставки доставени до Народниот правобранител. Омбудсманот смета дека половина од нив се однесувале само на мислењето на граѓаните дека судската одлука е лоша, додека дел се однесувале на несовесно работење на судиите.

На Европскиот ден на граѓанската правда првиот човек на судот посочи дека најголемата критка судиите ја добиваат токму од јавноста и медиумите. Затоа денов им го посветуваат отворајќи им ги вратите.

Во Граѓанскиот суд, адвокати, нотари, извршители и стечајни управници беа ставени на располагање на присутните за подетални информации.

 

Фиљана Кока