Во Норвешка почна најголемата НАТО вежба
Со 50-тина илјади војници, во Норвешка почнува најголемата НАТО вежба. Учествуваат сите 29 сојузници и парнери на Алијансата...

НАТО ја почна најголемата вежба од крајот на Студената војна. 50.000 војници две недели ќе тренираат во Норвешка и во околниот воздушен и поморски простор. Во маневрите на воената вежба „Trident Juncture“ учествуваат околу 10.000 возила, 300 борбени авиони, хеликоптери и бродови. Сите 29 сојузници учествуваат, како и НАТО партнери Финска и Шведска. „Ова е силен приказ на нашите способности и на нашата решеност да работиме заедно“, рече генералниот секретар на Алијанста, Јенс Столтенберг.
„Trident Juncture испраќа јасна порака на нашите народи, и на секој потенцијален противник. НАТО не бара конфронтација, но ние сме подготвени да ги браниме сите сојузници, против секоја закана“, нагласи Столтенберг.
Целта на маневрите е да се тренира за т.н. сојузнички случај. Тој може да биде прогласен доколку биде нападната една или повеќе членки на НАТО. Генсекот на Алијансата ги покани Русија и Белорусија да ги набљудуваат маневрите. Советот на НАТО ја информираше Русија за вежбата претходно оваа година.
Марина Стојанова- Тонева
