Русија

Путин: Европа ризикува да биде цел

25.10.2018 13:12

Рускиот претседател Путин со став- американското повлекување од Договорот за нуклеарно разоружување ќе доведе до трка за вооружување и до мошне опасна ситуација. Посочи дека на оваа тема ќе разговара со Трамп на 11-ти ноември во Париз на комеморацијата по повод стогодишнината од крајот на Првата светска војна...

Американското повлекување од Договорот за нуклеарно разоружување ќе доведе до трка за вооружување и до мошне опасна ситуација, изјави рускиот претстедател Владимир Путин.

Ги предупреди европските земји кои ќе дозволат распоредување американски ракети на своја територија дека мора да сфатат оти постои можна закана од некаков одговор и дека руските ракети ќе бидат вперени во нив. По состанокот со италијанскиот премиер, Џузепе Конте, Путин рече дека ситуацијата ќе биде многу опасна.

Ако таквите договори се раскинуваат, тогаш не останува ништо во поглед на вооружувањето. Нема да остане ништо освен трката за вооружување“, изјави Путин.

Во однос на меѓународната перспектива, се соочуваме со голем број предизвици за безбедноста на италијанскиот и на европскиот развој. Веруваме дека е од огромна важност да се дискутира за ваквите проблеми со стратешките партнери како што е Руската Федерација“, рече Конте.

Рускиот претседател изрази надеж дека за тоа прашање ќе разговара со неговиот американски колега, Доналд Трамп на 11 ноември во Париз на комеморацијата по повод стогодишнината од крајот на Првата светска војна.

Трамп неодамна изјави дека САД ќе се повлече од нуклеарниот договор кој пред 30 години го потпишаа Вашингтон и Москва, наведувајќи дека Русија го прекршила тој договор.

Договорот за нуклеарните сили од среден дострел од времето на Студената војна забранува цела класа оружје, односно крстаречки ракети лансирани од земја со дострел од 500 до 5.000 километри.

 

Марина Ристова