Регионален бизнис регистар од февруари 2019-та
Од февруари 2019-та ќе почне да функционира регионалниот бизнис регистар, заеднички проект на Македонскиот и Српскиот Централен регистар. Деловната заедница ќе добива податоци за правните субјекти. Надлежните очекуваат, платформата да помогне во подобрувањето на економската и трговската соработка меѓу земјите во регионот...

Регионалниот портал на бизнис регистри полека станува реалност. Со поддршка на Европската банка за обнова и развој, Централниот регистар на Р. Македонија и Агенцијата за деловни регистри на Р. Србија го реализираат проектот што треба да профункционира во целост во февруари наредната година. Со тоа трговските друштва од регионот, но и од надвор од него ќе можат комерцијално да пребаруваат корпоративни и финансиски информации за фирмите.
„Овој проект е прв и вистински пример на институционална интероперабилност меѓу Македонија и Србија. Регионалниот регистарски портал со приклучувањето на останатите регистри од регионот во периодот што следува пред нас, треба да прерасне во централен дигитален пазар на корпоративни финаснски информации и сервис за деловната заедница и инвеститорите во и вон нашиот регион“, изјави премиерот Заев.
Освен Македонија и Србија кон проектот се приклучуваат и Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Косово, Албанија, Бугарија, Романија, а наскоро ќе се приклучи и Грција. Од ЕБРД велат дека суштинско за економски раст во пазарните економии е навременото обезбедување бизнис информации и затоа се поддржува проектот за развој на регионален регистарски портал.
„Заедно со иницијативата за олеснување на трговијата и размената на стоки и услуги во Западниот Балкан, регионалниот портал ќе ги поддржува прекуграничните активности преку подигање на транспарентноста и преку олеснување на пристапот до информации за трговските друштва во другите земји“, изјави Анка Јонеску, Европска банка за обнова и развој.
До октомври 2019-та ќе биде воспоставен и Регистарот на вистински сопственици со што Македонија ќе се усогласи со Европската директива против перење пари. Со тоа ќе се оневозможи влез на сомнителен капитал во економијата. Законот и правилникот ги работат паралелно Регистарот и Управата за финансиско разузнавање.
„Секое физичко лице при иницијалната регистрација ќе треба да даде изјава со која изјавува дека нема удели или други субјекти на негово име. Освен новите ќе треба и старите да поднесат таква изјава во Управата за финансиско разузнавање, каде што изјавуваат дека немаат никакви удели во други субјекти“, вели Марија Бошковска-Јанковски, директор на Централен регистар на Р. Македонија.
Ќе има временска рамка за доставување на изјавите, но сѐ уште се работи на правилникот и на сите други акти што треба да бидат имплементирани во Регистарот на вистински сопственици. Со тоа во иднина не ќе може во сопственичката структура да фигурира фирма од егзотична дестинација, туку само вистинскиот сопственик, вели Бошковска- Јанковски.
Свето Николовски
