Иванов: Договорот од Преспа го негира самоопределувањето
Од нас зависи дали ќе ја зачуваме академската слобода или на идните генерации во наследство ќе им оставиме цензурирана и фалсификувана историја, рече претседателот Иванов на конференцијата „Самоилова држава- 1.000 години потоа“. Оцени- договорот од Преспа има за цел да го затвори поглавјето на самоопределување на македонскиот народ...

Пред еден милениум Самоиловата држава се соочувала со слични предизвици како и современата македонска држава- Република Mакедонија. Тие предизвици се негирање, непризнавање, обиди за блокада, изолација и погрешно именување. Од нас зависи дали ќе ја зачуваме академската слобода или на идните генерации во наследство ќе им оставиме цензурирана и фалсификувана историја. Ова во своето обраќање на Конференцијата за византологија и медиевистика под наслов „Самоиловата држава- 1.000 години потоа“ го рече претседателот на Републија Македонија, Ѓорге Иванов.
„АСНОМ- ска Македонија е фиданка што изникна од коренот од кој изникнала Самоиловата држава. Но, денес, за жал се прават обиди и на таа фиданка да ѝ се накалеми туѓа гранка. А, таа туѓа гранка е договорот од Преспа. Во член 8, точка 5 е предвидено формирање на заеднички интердисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања. Иако тој комитет би требал да разгледува објективно научно толкување на историските настани, сепак, симптоматично е што тоа треба да го прави под надзор на министерствата на двете држави“, изјави шефот на државата, Ѓорге Иванов.
Една од причините за пропаста на Самоиловото царство беше превртливоста на нејзините елити, кои за титули, инсигнии и престиж ја менувале страната. Нешто слично гледаме и денес, рече претседателот Иванов.
„Договорот од Преспа има за цел од нас да направи фуснота во нечија туѓа верзија на историјата и со тоа да го затвори поглавјето за самоопределувањето на македонскиот народ и неговата суверена и независна Република Македонија“, нагласи претседателот Иванов.
На првата Конференција за византологија и медиевистика учесниците ќе дадат свој придонес со нови сознанија или разјаснување на веќе постоечките во однос на настанувањето на Самоиловото царство, политичкото уредување, етничката атрибуција, државно- правните основи, нејзината црква и други прашања.
Сашо Нелоски
