Џафери: Иницијаторите за формирање на телото за помирување конкретно да ја објаснат оваа идеја
Претседателот на Собранието, Талат Џафери очекува иницијаторите за формирање на телото за помирување да побараат средба и конкретно да ја објаснат оваа идеја. Според него, најавата на ВМРО-ДПМНЕ дека тие не се подготвени да учествуваат е јасна определба дека не се заинтересирани за општо помирување меѓу пратениците, што би се рефлектирало меѓу граѓаните и поддржувачите на политичките партии. ВМРО-ДПМНЕ во Собранието доставува Предлог- закон за амнестија. СДСМ со одговор- потегот на опозициската партија е во спротивност со правната држава...

Претседателот на Собранието, Џафери го очекува првиот потег од осумтемина пратеници од опозицијата за телото за помирување. Вели дека на последната координација било договорено основата да биде и Кодексот на однесување во законодавниот дом.
Коментирајќи ги најавите од ВМРО-ДПМНЕ дека подготвуваат нов Закон за амнестија, собранискиот спикер смета дека е легитимно пратениците да достават Предлог- законски решенија, но како што додава, мнозинството го има последниот збор.
Од ВМРО- ДПМНЕ се категорични дека нема да партиципираат во телото за помирување. Подготвуваат нов Закон за амнестија, само за обвинетите во настаните од 27-ми април лани. Наскоро ќе го достават во Собранието.
СДСМ е против Закон за амнестија, бидејќи според нив, тоа би било спротивно на владеењето на правото. Од владејачката партија потенцираат дека процесот на помирување треба да обезбеди национално обединување за стратегиските интереси на земјава.
Телото за помирување го иницираа осумтемина пратеници од опозицијата што гласаа за предлог за уставни измени.
Игор Панов
