Комисиска расправа за ребаланс на буџетот
Минимална корекција на приходната и расходната страна, дополнителни средства за поддршка на општините, Фондот за пензиско и за здравствено осигурувањe- министерот Тевдовски на комисиската расправа за ребалансот на буџетот. За опозицијата промените се нереални и неостварливи...

Предложениот Ребаланс на буџетот за годинава предвидува државните институции да можат да потрошат 3 милијарди 422 милиона евра, од што со буџетски приходи ќе бидат покриени 3 милијарди и 130 милиони евра, додека 292 милиона ќе бидат обезбедени со задолжување во странство и на домашниот пазар на капитал. Ресорниот министер Тевдовски вели дека не се менува планираниот дефицит и тој останува 2,7% од БДП, а за 2018 се очекува стапка на раст од 2,8%. Со ребалансот најмногу пари добиваат општините, околу 50 милиона евра и со нив ќе ги отплаќаат старите долгови, а ПИОМ, Фондот за здравство и Агенцијата за вработување ќе добијат вкупно 30,4 милиони евра.
„Алоцирање на дополнителни средства во зинос од 660 милиони денари во Фондот за пензиско осигурување сп цел непречена исплата на пензиите и транзициските трошоци за Вториот пензиски столб. Обезбедување дополнителни 763 милиони денари во Фондот за здравствено осигурување сп цел непречено остварување на правото на здравствена заштита и боледувања, како и дополнителни средства од 451 милион денари на Агенцијата за вработување на РМ за исплата на надоместокот по основ на невработеност. На ваков начин се создаде простор за зајакнување на фискалниот капацитет на општините“, изјави министерот за финансии, Тевдовски.
За опозицијата ребалансот е нереален и ниту намалените капитални инвестиции нема да бидат реализирани. Велат дека не можеме да го чекаме влезот во НАТО за да имаме раст и развој на економијата.
„Овој ребаланс е доказ дека оваа Влада е Влада за едно прашање. Ребалансот ви е нереален. Ниту ќе ги постигнете предвидените стапки на економски раст иако намалени затоа што прогнозите на ММФ, ова не го вели опозицијата туку ММФ, се далеку пониски од вашите. Ниту ќе ги осварите планираните буџетски приходи ниту ќе ги реализирате капиталните инвестиции иако се намалени за 100 милиони евра, од 400 на триста милиони“, рече Драган Цуклев од ВМРО-ДПМНЕ.
Тоа што е предлог во овој ребаланс ќе биде остварено, односно приходната страна на буџетот е безбедна и целосно сигурна, одговори министерот Тевдовски.
За нереализираниот економски раст и неостварените капитални инвестии опозицијата побара одговорност, а Тевдовски возврати прашувајќи како Владата ја влошила состојбата.
Коментирајќи ги кредитните обврски на земјава Тевдовски појасни дека нето задолжувањето годинава ќе изнесува 362 милиона евра и со тоа целосно ќе биде покриен буџетскиот дефицит и на сметка ќе бидат акумулирани 70 милиони евра, како подготовка за враќање на кредитите кои достасуваат во периодот од 2020 до 2021-ва кога треба да вратиме вкупно 833 милиони евра.
Свето Николовски
