Анѓеловски: Нема незаконско прислушување
„Нема незаконско прислушување“- вели новиот директор на Оперативно- техничката агенција, Зоран Анѓеловски. Од 1-ви ноември ОТА почнува да работи. Тврди- ќе бидеме транспарентни пред надлежните комисии...

Опремата е веќе пренесена во просториите на ОТА, незаконско прислушување нема- тврди директорот Зоран Анѓеловски. Агенцијата треба официјално да стартува на 1-ви ноември. Поради краткото време, по одлука на првиот човек на ОТА, е избран центарот на Телеком каде што се сместени. Преку Владата изнајмиле простории, и како што рече Анѓеловски, за почеток ќе бидат таму.
Во Собранието со членовите на Комисијата за надзор на следење на комуникациите, директорот на ОТА оствари прва средба и брифираше за досегашните изведени активности во Оперативно- техничката агенција.
Периодични контроли врз работата на ОТА ќе вршат собраниската Комисија за надзор на следењето на комуникациите, граѓанската, Комисијата за класифицирани документи и за заштита на лични податоци.
Првиот човек на Агенцијата вети максимална транспарентност во својата работа пред овие четири комисии. Тие пак, ќе бидат надлежни за работата на Агенцијата да ги информираат медиумите.
Покрај комисиите, увид во работата има и Јавното обвинителство, Врховниот суд и Народниот правобранител.
Наташа Гркова- Петрушевска
