ВМРО-ДПМНЕ го поднесе Предлог- законот за амнестија, за СДСМ е неприфатлив
ВМРО-ДПМНЕ го поднесе Предлог- законот за амнестија на лица осомничени, обвинети или осудени за собраниските настани од 27-ми април. Очекуваат пратениците од власта да учествуваат во дебатата и да покажат дека не станува збор за лажно ветување за национално помирување. За СДСМ, предлогот е неприфатлив. Велат- не треба да има селективна правда, законите важат за сите...

Со Предлог- законот за амнестија по скратена постапка се опфатени сите осомничени, обвинети или осудени лица за собраниските настани од 27-ми април лани. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара нивно целосно ослободување, бидејќи како што вели координаторот на пратеничката група, Данев, тие не се терористи.
Предложеното решение го уредува начинот на ослободување од кривичен прогон, запирање на поведените постапки, целосно ослободување од издржување на затворската казна и бришење на осудата.
Од владејачката партија пак со одговор - нема да го поддржат законот, бидејќи како што велат, нема да дозволат брутален упад во правосудството.
Собраниското тело за помирување кое треба да се формира наредните денови за владејачкото мнозинство е единствениот начин за надминување на несогласувањата и треба да се темели врз кодексот на однесување во законодавниот дом.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак сметаат дека со тоа се протежира селективна правда.
Анита Димитријевска
