Политика

Нацрт- амандманите за измена на Уставот до крајот на неделава во Собрание

30.10.2018 09:53

Нацрт- амандманите на Уставот до крајот на неделава ќе бидат доставени во Собранието, најави премиерот Заев. Прифатливи и барањата на осумтемина независни пратеници од опозицијата, кои дадоа поддршка за отворање на највисокиот правен акт. Консултации ќе има со сите пратенички групи. На маса и формирањето на телото за помирување...

Министерката за правда заедно со правни тимови на Владата ќе ги пишуваат нацрт- амандманите во кои ќе бидат инкорпорирани и дел од барањата на независната пратеничка група на ВМРО- ДПМНЕ.

Премиерот вели дека со пратениците разговарал за конкретни насоки коишто им биле дадени во делот на зајакнување на македонскиот идентитет и во делот на гаранцијата дека процесот ќе оди до крај и нема да биде блокиран од Грција, односно дека уставните амандмани ќе влезат на сила со ратификацијата со Договорот со грчкиот Парламент, и за тоа како новото име ќе почне да се применува внатрешно.

Напомена дека по изготвувањето на нацрт- амандманите ќе следува и консултација со грчката Влада за да се потврди дека измените се во духот на Договорот од Преспа.

Зеќир Рамчиловиќ, еден од пратениците кои се дел од независната група на ВМРО- ДПМНЕ, по средбата во Собранието рече дека нивните предлози „во најголем дел се прифатливи за Владата“.

Заев очекува и други пратеници од опозицијата да се вклучат во процесот и да дадат поддршка за уставните амандмани. За Pредлог- законот за амнестија, рече дека е неприфатлив и дека сите модалитети на помирување треба да се бараат во координативното тело во Собрание.

 

Игор Панов