Подготовки

Карневал „Прочка 2014“ во Прилеп

28.02.2014 12:22

Се изработуваат маските, се вежбаат кореографиите, се прават последните корекции на уникатните креации. Во Прилеп се е во знакот на 14-тиот по ред карневал Прочка кој ќе се одржи овој викенд.

Наставникот Цветан Волчески веќе 7 години со своите ученици учествува на овој фестивал, а на 6 од нив го добил и првото место. Волчески како и сите други учесници љуборно ги кријат маските едни од други.

„Оваа маска не ја откриваме за да биди поинтересна, затоа што и работите што ги правиме, навечер тајно ги внесуваме во одредената просторија за да никој не ги види“, истакна Цветан Волчески, учесник на карневалот.

И другите учесници на карневалот со еуфорија ги прават последните подготовки.

„2-3 недели пред почетокот на карневалот секоја година започнуваме со изработката на маската, во неа учествуваат повеќе ученици, а еуфоријата е голема за да се настапи на овој карневал“, рече Кирил Тодороски, учесник на карневалот.

„Маската започнавме да ја изработуваме уште од почетокот на второто полугодие“, кажа Маријана Угриноска, учесник на карневалот.

Главното дефиле ќе се одржи во недела, а се очекува да настапат околу 100 маски, со над 1.000 учесници.

„Со неговото одржување се зачувуваат старите обичаи кои се дел од нашето културно наследство, а истото се презентира како на национално така и на меѓународно ниво“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Наградите се поделени во три категории : традиционални, современи и маски за деца.

„Се одлучивме оваа година да доделиме 15 награди, и тоа 5 за прво, 5 за второ и 5 за трето место“, потенцираше Снежана Ристеска, советник за култура.

За маскирањето во Прилеп постои еден уникатен збор – преправање. Ова нека биде повик што поголем број прилепчани нека се преправат за овој карневал, а гостите пак да не се двоумат да дојдат бидејќи прочка секоја година е вистински спектакл.