Продолжува комисиската расправа за ребалансот на Буџетот
Продолжува комисиската расправа за ребалансот на Буџетот. Опозицијата обвинува дека не е реален и нема да придонесе за остварување на очекуваниот раст на БДП од 2,8 насто. Министерот за финансии Тевдовски вели дека наплатата на приходите добро се одвива, а јавниот долг за период од една година е намален...

Собраниската матична Комисија за финансирање и буџет денеска треба да ја продолжи расправата по предложениот ребаланс на Буџетот за 2018-та година со кој се врши минимална корекција на неговата приходна и расходна страна и се обезбедува дополнителна поддршка на општините, Фондот на ПИОМ, Фондот за здравствено осигурување. Дефицитот останува непроменет, а стапката на раст е ревидирана на 2,8 проценти.
Предложениот ребаланс вчера го образложи министерот за финансии Драган Тевдовски, кој рече дека измените се подготвени следејќи ја политичката ситуација во земјава согласно движењата на македонската економија, како и реализацијата на приходите и расходите.
Според него, важно е да се истакне дека Владата со овој ребаланс обезбеди околу 50 милиони евра за финансиска поддршка на општините за да сервисираат значителен дел од нивните неизмирени обврски како и на дел од неизмирените обврски на единките корисници основани од нив.
Со ребалансот Владата ја ревидира стапката на раст од 3,2 на 2,8 проценти. Вкупните приходи се планира на ниво од 192,5 милијарди денари, додека вкупните расходи на 210,5 милијарди денари. Дефицитот останува непроменет и изнесува 2,7 отсто од БДП.
Во расправата пратениците од ВМРО-ДПМНЕ го оценија ребалансот како нереален и оти економскиот раст е неостварлив.
Расправата во Комисијата треба да трае најмногу 10 работни дена.
