Политика

Заев: Амандманите за уставните измени ќе бидат усвоени во предвидениот рок

30.10.2018 12:35

Текстот на нацрт- амандманите на Уставот во Собрание во предвидениот рок, најавува премиерот Заев. Не очекува блокирање на процесите во Собранието, особено не од ВМРО-ДПМНЕ. Во однос на барањата од албанската опозиција за дополнителни уставни измени, вели дека нема потреба уште повеќе да се отвора Пандорината кутија...

Амандманите за уставните промени ќе бидат усвоени во Собранието во предвидениот рок, изјави премиерот Заев. Очекува поголема поддршка од опозицијата за до крајот на јануари да биде ратификуван Договорот од Преспа, а подоцна, како што рече, Грција ќе ја почне ратификацијата во својот Парламент.

Сепак, Заев смета дека не треба да се прошируваат уставните промени со барањата на ДУИ, БЕСА и Алијансата, кои најавија амандмани за подобрување на правата на Албанците во земјава.

„Никој нема право и нема да направи каква било условеност на интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ. Веројатно нема да дозволиме ширење на Пандорината кутија. Тоа го знаат сите, а ред е и јас да го потврдам. Парламентот е конечно тој што одлучува. Ние сме само предлагачи. Но, во рамки на сите овие работи јас секогаш стојам на располагање да градиме едно општество за сите за што сите се залагаме, а не да се обидуваме на поинаков начин, кога се носат крупни одлуки“, изјави премиерот Заев.

Во однос на поднесениот Предлог- закон од ВМРО-ДПМНЕ, Заев вели- помирувањето не значи амнестија.

„Јас зборувам за помирување, не зборувам за амнестија. Помирувањето, како процес, ќе го видите преку едно координативно тело во Собранието каде што ќе работи на севкупното сегашно помирување, но и перспективите што се отвораат пред Македонија. Како ќе се носат одлуките ние тоа ќе го соопштуваме во јавноста, но едно знам – настаните од 27 април се одлична можност да го изградиме тоа помирување. Има многу убави и демократски познати модалитети како тоа да се прави, но низ системот, низ ова координативно тело, треба токму тоа да го правиме“, нагласи премиерот Заев.

Премиерот Заев не верува дека опозицијата ќе го блокира усвојувањето на амандманите за уставните промени во Собранието и очекува да се случи тоа до крајот на неделава.

Ирина Гелевска