Индонезија

Продолжува потрагата по телата на загинатите и остатоците од урнатиот индонезискиот Боинг

30.10.2018 13:00

Продолжува потрагата по телата на загинатите патници и остатоците од урнатиот индонезискиот Боинг. Сѐ уште е мистерија како е можно да падне сосема нов авион. Во несреќата што се случи набрзо по летнувањето од главниот град на Индонезија, загинаа 190 патници и членови на екипажот...

По страшната авионска несреќа во која Боинг 737 се урна во морето во близина на индонезискиот брег, спасувачките тимови продолжуваат со потрагата по тела и остатоци од авионот. Десетици нуркачи ја пребаруваат областа, а властите соопштија дека сите 189 патници и членови на екипажот загинале.

„Ја проширивме областа за пребарување на 10 наутички милји. Пронајдените тела се предадени на идентификација во индонезиската полиција“, изајви Дид Хамзар, директор на Единицата за брз одговор.

„Синоќа нукрачите ја прекинаа потрагата поради лошите временски услови, но од изутрината областа повторно се пребарува бидејќи времето е добро, а така ќе биде и во нареднава недела. Ги собравме сите остатоци што пливаа на површината на водата“, рече Мухамед Сјауги, шеф на Националната агенција за спасување на Индонезија.

Истражителите ќе се фокусираат на повеќе фактори како можна причина за трагедијата. Механички, човечки и криминални. Директорот на авиокомпанијата рече дека сите карти се отворени , и дека засега единствено се исклучува временскиот фактор, како можна причина.

Според експертите, најверојатно станува збор за технички проблеми, но сѐ уште е рано со сигурност да се каже. Компанијата „Боинг“ наведува дека серијата „737 Макс“ е најбргу продаван авион во нејзината историја и досега има речиси 4.700 нарачки.

Несреќата се случила неколку минути по полетувањето кога пилотот пријавил проблем со леталото и побарал да се врати на аеродромот во џакарта, пред авионот нагло да се урне во морето. Боингот 737 Макс бил нов авион и бил во употреба само два месеца.

 

Марина Ристова