Одбрана

Врачени решенија на 125 нови професионални војници

30.10.2018 13:40

Промовирани новите 125 потпоручници во Армијата на Република Македонија. Од одбраната најавуваат дека ќе продолжи трендот на подмладување на активниот состав, но и модернизацијата и опремувањето. Наскоро уште еден оглас за прием на млади офицери. Македонија ќе биде 30-тата земја членка на НАТО, вели министерката за одбрана Шекеринска...

Одговорноста е пред Вас и ќе биде голема. Заедно со поискусните колеги ќе бидете столбот на државноста и сувереноста на нашата татковина. Овој воз е на брза лента- сите сплотено да работиме да бидеме подобри, поефикасни и попрофесионални- добредојде во армиското семејство им порача министерката Шекеринска на 125-те професионални војници, подмладок на македонската Армија.

Им посочи- „Вие сте генерација која влезе во Армијата во периодот кога ги почнавме претпристапните преговори со НАТО. Заедничкиот сон за влез во Алијансата е на само еден чекор. Вам ќе ви бидат отворени вратите за да се борите за уште поголеми успеси“.

Имате привилегија, но и одговорност, зашто целосно својата кариера ќе ја градите како дел од Армија - членка на најмоќната воено- политичка алијанса во светот, рече министерката Шекеринска.

Пред новите професионални војници, Шекеринска вети посветена работа во решавање на проблемите на Армијата, почнувајќи со, како што рече, зголемувањето на армискиот буџет за годинава за 15 проценти, покачувањето на платите за 10 насто како и договорот за набавка на чизми и униформи. Ќе се работи на модернизација и промени во военото образование.

Овие 125 професионални војници се втора генерација за оваа година, а деновиве ќе биде распишан и третиот конкурс за прием на исто толку, со што ќе се заокружи бројката на 375.

 

Наташа Гркова- Петрушевска