Предистражна постапка

ОЈО постапува по две анонимни кривични пријави против претседателот Иванов

30.10.2018 13:57

Скопското Јавно обвинителство постапува во предистражна постапка за непотпишувањето на Законот за јазиците и Договорот од Преспа...

Скопското Јавно обвинителство отвори предистражна постапка за да ги истражи наводите во двете анонимни кривични пријави поднесени против шефот на државата Ѓорге Иванов, а во врска со непотпишувањето на Законот за јазиците и Договорот од Преспа.

Постапувајќи по две анонимни кривични пријави во врска со непотпишувањето на Законот за јазиците и Договорот од Преспа, Основното јавно обвинителство- Скопје постапува во предистражна постапка, во насока на проверка на наводите во пријавите. Со таа цел веќе се побарани податоци и информации од Собранието на Република Македонија и од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, за тоа кога се донесени одлуките во Законодавниот дом, односно дали и од кои причини не се потпишани од претседателот“- велат за МТВ од скопското Јавно обвинителство.

Во почетокот на годината претседателот Иванов го извести Собранието дека нема да го потпише указот за официјализирање на Законот за употреба на јазиците кој беше изгласан на 11-ти јануари.

Исто така, шефот на државата стави вето и на Законот за ратификација на договорот со Грција. Смета дека спогодбата е штетна за Македонија и значи напуштање на изградените суштински државни позиции- неменување на Уставот и неприфаќање на име за севкупна употреба.

 

Анита Димитријевска