Трамп: Ќе го укинам правото за државјанство со раѓање
Американскиот претседател најави укинување на уставното право на државјанство со раѓање за децата на илегални имигранти и недржавјани на САД, што би било спротивно на 14. амандман...

Правна и политичка дебата во Вашингтон откако американскиот претседател Доналд Трамп најави укинување на уставното право на државјанство со раѓање за децата на илегални имигранти и недржавјани на САД, што би било спротивно на 14. амандман. Според Трамп, целта на одлуката е да се отежне процесот на стекнување на бенефициите на системот за дојденците.
„Може да се активира со акт од Конгресот, но сега ми велат дека можам и со извршна наредба. Ние сме единствената земја во светот каде што некој доаѓа, добива дете, и детето станува државјанин на Соединетите Американски Држави во наредните 85 години со сите придобивки од тоа“, изјави претседателот Трамп.
Спротивно на неговото тврдење, триесетина земји овозможуваат вакво право на секој што е роден во нивните граници, меѓу кои се и Канада и Мексико. Непосредно пред Конгресните избори, официјален Вашингтон најави неколку мерки за доселениците. Пентагон распоредува 5.200 војници на јужната граница, а за мигрантскиот карван од Централна Америка, ќе се градат т.н. „шаторски градови“.
