Растат тензиите на релација Грција- Албанија
По инцидентот што се случил во селото Буларат, во близина на границата со Грција, официјална Атина му упати протесна нота на албанскиот амбасадор во Грција.

Расте напнатоста во односите меѓу Тирана и Атина по убиството на 35-годишниот Грк, Константинос Кацифас. По инцидентот што се случил во селото Буларат, во близина на границата со Грција, официјална Атина му упати протесна нота на албанскиот амбасадор во Грција.
Грчките медиуми ја обвинија албанската полиција за „ладнокрвно убиство“, а официјална Тирана ги отфрла обвиненијата, наведувајќи дека Кацифас без причина пукал кон полициските службеници.
Албанскиот претседател, Илир Мета го оцени инцидентот како изолиран настан кој „не треба да влијае врз албанско-грчкото пријателство“ и упати апел до политичките партии настанот да не го користат за политички цели.
Премиерот Еди Рама, пак, претходно на Твитер ја повика Грција да биде благодарна што не бил загубен ниту еден невин живот од екстремистичкото лудило.
Во меѓувреме, во врска со инцидентот грчката амбасадорка во Тирана, Елени Сурани била повикана во албанското Министерство за Европа и за надворешни работи. Министерството побарало воздржаност и да не се придаваат политички или дипломатски бои на прашањето. Министерството гарантира дека Албанија е безбедна и мирна земја за сите свои граѓани, вклучувајќи ги и оние од грчка етничка прпадност.
Претходно, дописникот на тиранската телевизија Ора Њуз од Атина јави дека семејството на Кацифас барало истрага за убиството да води грчкото обвинителство.
Инцидентот се случил во момент кога додека албанското село каде претежно живеат Грци, ја одбележувало годишнината од влезот на Грција во Втората светска војна на 28 октомври 1940 година. Албанските медиуми објавија дека убиениот Кацифас пукал од „калашников“ кон албански полицајци кои го симнувале грчкото знаме.
Марина Ристова
