Безбедност и здравје при работа

Месечно по 150 повреди на работно место, се бараат законски измени

31.10.2018 14:02

Речиси 150 лица месечно се здобиваат со тешки повреди на работното место. Дел од нив завршуваат фатално. Најмногу повреди има во секторот земјоделство. Респираторните и алергиите се најчестите заболувања меѓу работниците. Бизнисот иницира измени на Законот за безбедност и здравје при работа...

150 работници месечно се здобиваат со тешки повреди, дел се фатални. Бизнисот бара измени на Закон за безбедност и здравје при работа за на стручните лица во компаниите да им се даде поголема улога, да се прецизира одговорноста на работодавачот и на лицето задолжено за безбедност и здравје при работа.

„За жал најголемо влијание и улога во безбедноста и здравјето при работа добија надворешните стручни правни лица кои во суштина некои од нив не ни влегле во компаниите, а прават изјави за безбедност и прават проценки на ризик. Ние сметаме дека многу поголемо значење треба да се стручните лица вработени во компаниите кои секојдневно се на работните места со работниците и секојдневно се опкружени во таа околина која треба да ја анализираат и да ги проценат ризиците“, изјави Јован Димитров, Организација на работодавачи.

Важна улога во имплементирањето на законот има Државниот инспекторат, затоа тој треба да се насочи, охрабри и зајакне, велат од Институтот за медицина на труд.

„Државниот инспекторат за труд мора да ги зајакне капацитетите. Тоа е задача на Министерството за труд и социјална политика. И во претходниот извештај на Европската комисија тоа беше една од клучните забелешки“, вели Јована Бислимовска, Институт за медицина на труд.

Респираторните заболувања, оштетувањата на слухот, алергиите и заболувањата на кожата се најчестите заболувања на работните места. Најмногу повреди има во секторот земјоделство.

 

Андријана Атанасовска