Нов пристап за промоција на македонското вино
Владата започна со спроведување на проектот за отворање и работа на унифицирани и специјализирани продавници за вино...

Со цел дополнителна поддршка на винскиот стопански сектор, зголемување на промоцијата на македонското вино произведено од 81 регистрирана винарија во нашата земја, зголемување на внатрешната потрошувачка на македонски вина, збогатување на туристичката понуда, но и поддршката на економскиот развој, условите за водење на бизнис и отворањето на нови работни места, Владата започна со спроведување на проектот за отворање и работа на унифицирани и специјализирани продавници за вино. Идејата за овој проект потекна од бизнис заедницата, а самиот проект е дизајниран и се спроведува во соработка со претставниците на винариите во Република Македонија.
Финансиската поддршка за овој проект доаѓа од Програмата за рурален развој за 2014 година, а истата се содржи во покривањето на значителен дел од трошоците за опремување на продавниците, за закуп на простор за продавниците и за вработувања на работници, трошоци кои ќе ги направат компаниите кои ќе отворат ваков тип на специјализирани продавници за вино, стои во соопштението на Владата.
Во оваа насока од страна на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој е објавен јавен повик за доставување на барања за воспоставување и работа на овие унифицирани специјализирани продавници. Јавниот повик трае до 30 април 2014 година, а право да учествуваат имаат сите правни лица регистрирани согласно Законот за трговски друштва, Законот за угостителство и кои ќе ги исполнат условите согласно Законот за трговија.
На овој јавен повик може да се аплицира за предвидената владина финансиска поддршка за отворање на 10 продавници за вино во следните градови: Скопје две продавници, а во Охрид, Берово, Кавадарци, Штип, Струмица, Прилеп, Битола и Крушево по една продавница.
