Политика

Касами: Пандорината кутија еден ден ќе мора да се отвори

31.10.2018 15:49

„Пандорината кутија еден ден ќе мора да се отвори“- движењето БЕСА му одговори на премиерот Заев. Биљал Касами рече дека претседателот на Владата со слоганот „Едно општество за сите“ добил гласови од Албанците, а сега вели дека нивните барања се преамбициозни. Од СДСМ тврдат дека ги реализираат реформските приоритети на Македонија кои ги гарантираат човековите права...

Сега е вистински момент да се разгледаат и да се решат барањата на БЕСА и Алијансата на Албанците за вметнување амандмани во Уставот за унапредување на правата на Албанците- вели Биљал Касами од тетовското крило на БЕСА.

Тврди дека нема да условуваат, но посочи доколку Заев не ги прифати барањата, ќе продолжат натаму со процесот за евроатлантско интегрирање. БЕСА не се откажува од своите визии. Доколку овие прашања не се решат сега, ќе бидат повторно ставени на маса на следните избори, вели Касами.

Од СДСМ ги повикаа пратениците да придонесат во процесите кои обезбедуваат членство во НАТО и ЕУ и да се продолжи реформската агенда. Пратеникот Локвенец вели, обезбедуваме двотретинска поддршка за Законите за јавно обвинителство, за кривична постапка и за Законот за судовите.

Пакетот закони што беа усогласени меѓу власта и опозицијата овозможуваат зајакнување и унапредување на контролните механизми за заштита на слободите и правата на граѓаните.

 

Наташа Гркова- Петрушевска