Светска банка

Потребни се реформи за подобрување на човечкиот капитал

31.10.2018 16:13

„На Македонија ѝ се потребни реформи за подобрување на човечкиот капитал“, укажува Светска банка. Главните промени треба да се прават во образованието. Анализите покажуваат дека на регионот му се потребни речиси три децении за да го достине европскиот просек. Со 30 милиони евра од банката ќе се прави обид да се подобри состојбата на терен...

Истражувањето на Светска банка „Индекс на човечкиот капитал“ покажува дека нивото и квалитетот на образованието и здравството во земјите од регионот на Западен Балкан не задоволуваат и се препорачуваат реформи и подигање на нивниот квалитет. Од Светска банка се децидни- развојот на земјите од регионот ќе зависи од тоа дали ќе имаат човечки капитал на светско ниво.

„Индексот вели дека детето родено денеска на Западен Балкан би можело да биде 38% попродуктивно доколку тој или таа има целосен и квалитетен пристап кон можностите за образование, социјална и здравствена заштита во својот живот. Секое младо лице на 18 години ќе оди на училиште 12 и повеќе години, но ќе научи еквивалент на помалку од 9 години. Тоа не значи дека треба да го намалите буџетот за образование туку да бидете поефективни“, вели Сирил Милер- потпретседател на Светска банка за Европа и Централна Азија.

Образуваното и здраво население е од суштинско значење за намалување на сиромаштијата и постигнување економски раст, развој и просперитет, вели Милер и констатира дека невработеноста е главен предизвик за Западен Балкан, затоа што 4 од 10 млади се без работа. Од Владата велат дека човечкиот капитал е најважен ресурс за постигнување одржлив економски развој и зголемување на животниот стандард и затоа растат буџетските средства за реализирање на тие цели.

„Ние не можеме и не смееме да се задоволиме со тоа нашите деца во иднина да можат да користат половина од својот потенцијал. Средствата што се издвојуваат за овие полиња не треба да ги гледаме како трошоци,напротив станува збор за вложувања кои ќе имаат, ќе остваруваат принос на подолг рок. Заради тоа почнавме да издвојуваме повеќе средства во овие сектори. Во буџетот за оваа година има издвоено 146 милиони евра повеќе вп однос на 2017-та во овие три сектори: социјала, образование и здравство“, изјави министерот за финансии, Драган Тевдовски.

Експертите на Светска банка појаснуваат дека инвестициите во образованието се исплаќаат затоа што секоја година образование плус ја зголемува заработката за 9% годишно. Нивото на учење во земјите од регионот на Западен Балкан е над глобалниот просек, но не и неговиот квалитет. Прогнозите велат дека ќе бидат потребни 29 години за да регионот го достигне сегашниот просек на ЕУ.

Новата четири годишна стратегија за Македонија на Светска банка за периодот до 2023-та предвидува поддршка од 400 милиони долари за реализација на 35 проекти во повеќе области, меѓу кои приоритетни се: социјалата, образованието, здравството, инфраструктурата, земјоделството, администрацијата. Конференцијата „Поттикнување на економскиот раст преку развој на човечкиот капитал во Западниот Балкан“ ја организираа Светска банка и Министерството за финансии.

 

Свето Николовски