Извадена црната кутија од урнатиот индонезиски авион
Индонезиските нуркачи извлекоа црна кутија од урнатиот авион на „Лајон ер“, клучниот елемент потребен да се утврди што ја предизвика несреќата во која загинаа 181 патник и осумчлен екипаж. Уредот е во добра состојба. Авионот бил користен два месеца, но и на претходниот лет имал проблем...

Нуркачките тимови ја извадија црната кутија од урнатиот авион на „Лајон ер“ од водите на Јаванско море на индонезиското крајбрежје. Уредот беше лоциран 500 метри северозападно од координатите на кои е загубен контактот со авионот. Се утврдува дали снимките се од разговорите во пилотската кабина или од летот.
„Ги поздравуваме напорите на тимовите од Агенцијата за потрага и спасување, а и војската при извлекувањето на црната кутија. Уредот се праќа на анализа. Сега Комитетот за безбедност во транспортот треба да си ја заврши работата, а од Боинг бараме да помогне во утврдувањето на критериумите потребни за инспекцијата з апричината за несреќата“, изјави Буди Карја Сумади, министер за транспорт.
Боинг 737 Макс 8, кој превезуваше 189 луѓе, се урна 13 минути по летнувањето од Џакарта.. Не е утврдена точната причина за несреќата, но постојат извештаи дека авионот имал технички проблеми на претходните летови. Пилотот барал од контролата за воздушен сообраќај да се врати кон аеродромот, но контактот бил прекинат. Според досегашните податоци, летот 610 се движел со погрешна брзина на голема висина и на претходниот, а и на фаталниот лет во понеделникот. Безбедносните експерти предупредуваат дека мора да се провери точноста на податоците.
„Постојат информации за технички проблеми, кои се решија во согласност со процедурите за одржување. „Лајон“ оперираше 11 авиони од истиот модел, Боинг 737, и другите авиони немаа таков технички дефект. Не гледам причина да се приземји остатокот од флотата“, вели Едвард Сираит, претседател на „Лајон ер груп“.
Најголемата воздухопловна несреќа во Индонезија од 1997 година повторно ја зголеми загриженоста околу безбедноста на нејзината брзорастечка воздухопловна индустрија, која неодамна беше отстранета од црните листи на Европската Унија и на Соединетите Американски Држави.
Маја Филдишев
