Проблемот со загадувањето не е решен
Македонија има многу добра законска регулатива за животна средина, прилагодена според европски стандарди, но генералниот проблем е имплементација. Во МАНУ, научна конференција за проблемот со загадувањето во градските средини...

Проблемите со загадувањето кај нас сѐ уште не се решени и покрај законската регулатива, предизборните ветувања, активностите на невладините организации и одржани бројни конференции и дебати.
Од Македонската академија на науките и уметностите велат дека освен енормното аерозагадување и фактот што жителите во повеќето градови на Македонија се гушат во смог, постои значително загадување како на водите, така и на обработливото земјоделското земјиште.
Според академик Владо Матевски, главните предизвици се депонирањето на отпадот, узурпирањето на зелените површини за изградба на станбени објекти, зголемениот сообраќај, огревниот материјал и сиромаштијата.
Македонија има одлична законска регулатива за животна средина, но преблемот е што таа не се почитува, вели претседателот на МАНУ, академик Таки Фити. Смета дека државата треба да делува построго и кон компаниите што се големи загадувачи.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање сметаат дека не може посебно да се двојат и да се санираат причините за загадувањето на воздухот, водата и почвата, туку дека треба сите општествени фактори заеднички да пристапат кон надминување на проблемите.
На конференцијата експерти ги презентираа и ги образложија можните решенија на проблемите со загадувањето и како тие да се реализираат.
Марија Котовска
