ОТА почна со работа, гарантира- нема да се повторат аферите со прислушувањето
Тврдината е демолирана, не постојат ниту теоретски, ниту практични причини за злоупотреба на системот за следење на комуникациите- став на министерот за внатрешни Спасовски и директорот на Оперативно- техничката агенција, Ангеловски. ОТА и официјално почна да работи...

Директорот на Оперативно- техничката агенција уверува, нема да се дозволи да се повторат претходните афери со прислушувањето. Дециден е- во Македонија сега нема незаконско следење и како што рече „нема ни да има“.
ОТА во моментот располага со технички кадар преземен од МВР. Четворица се од Бирото за јавна безбедност и тројца од Управата за безбедност и контраразузнавање. Другите вработени ќе се избираат на оглас, кој треба да биде објавен наскоро.
МВР веќе нема пристап до системот за следење на комуникациите. Агенцијата нема да може да ги слуша разговорите и ќе биде медијатор меѓу барателот и лицето кое се следи, но нема да е корисник на материјалот. Следењето ќе се спроведува по издадени наредби со број, но без идентитет.
Увид во работата на ОТА ќе може да имаат и Јавното обвинителство, Врховниот суд и Народниот правобранител. На сигналот на ОТА наскоро ќе се приклучат БЈБ, УБК, Финансиската полиција, Царинската управа, Военото разузнавање и истражен тим од Обвинителството.
Наташа Гркова- Петрушевска
