Економија

НБРМ со надолна корекција, очекува раст на БДП од 2,3%

01.11.2018 16:17

Народна банка ја намали проекцијата за економскиот раст на земјава. Од првичните 3,2 процента, со есенската ревизија се очекува 2,3 насто раст на БДП. Најголемо отстапување има кај инвестициите. Сепак, по стагнацијата до минатата година, монетарната власт очекува постепено закрепнување на стопанството...

Слабата реализаиција на инвестициските активности во првата половина на годинава, го скастри проектираниот економски раст на македонската економија од 3,2 на 2,3 насто. Народната банка во есенската ревизија на макроекономските параметри, предвидува- извозот ќе биде главниот двигател годинава, во наредните две години со предвидените 3,5 проценти ќе биде засилен од домашната побарувачка, од јавните и странски инвестиции. Зголемување на БДП до 4 проценти се очекуваат дури 2021-ва. Инвестициите и политичките случувања остануваат главниот ризик- вели гувернерката Бежовска.

„Во третиот квартал годинава кај државните капитални инвестиции сѐ уште има пад, но е значително понизок од падот во вториот квартал, ако го гледаме вкупниот индикатор на вкупно извршени градежни работи, не се расположливи целосни податоци за целиот квартал, и имаме расположливи податоци за само два месеци кои упатуваат на натамошен пад во споредба со вториот квартал кога имаше благ раст на извршените градежни работи“, вели гувернерот на НБРМ, Бежовска.

Монетарната власт пресметала, девизните резерви се на солидно ниво, инфлациски притисок нема. Надолна корекција има кај инфлацијата, од 2 на 1,6 насто, неизвесноста демнее од домашната политичка сцена, евроатланската интеграција може да донесе позитивен амбиент. Првиот човек на Централната банка вели- потребно е намалување на буџетскиот дефицит како предуслов за понизок јавен долг кој сега изнесува 48,2 насто од бруто- домашниот производ.

„Во однос на јавниот долг, засега ако го споредиме јавниот долг во нашата економија во споредба со други економии со слични карактеристики, не отстапуваме позначајно. За одржливоста на јавните финансии е важно да се одвива процес на фискална консолидација, а суштината на тоа е на крајот да доведе до стабилизација на нивото на јавниот долг изразено како процент од БДП, а потоа и негово намалување“, посочува гувернерот Ангеловска- Бежовска.

Креаторите на монетарната политика оцениле раст на депозитната база, штедните влогив растеле со стапка од 10,2 насто и тенднција на зголемување во наредниот период. Проектиран е и повисок кредитен раст од 8,4 проценти наспроти априлси проектираниот од 6,7 насто. И Министерството за финансии во предлог ребалансот на државната каса го ревидираше економскиот раст од 3,2 на 2,8 проценти.

 

Сузана Фиданска- Стоевска