Бугарија

Борисов домаќин на квадрилатералната средба во Варна

02.11.2018 12:32

Четворицата лидери разговараат за регионални инфраструктурни проекти, како и за теми поврзани со Европа и со стабилноста на Балканскиот регион...

Бугарскиот премиер, Бојко Борисов, ги пречека премиерите на Грција и Романија, Алексис Ципрас и Виорика Данчила, како и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на петтата по ред квадрилатерална средба.

Четворицата лидери разговараат за регионални инфраструктурни проекти, како и за теми поврзани со Европа и со стабилноста на Балканскиот регион.

По средбата се очекува да одржат средба со израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, кој по средбата со негиовиот бугарски колега, Борисов, најави дека четирите страни ќе разговараат и за можноста од испорака на гас од Израел во Бугарија преку Грција.

Бугарскиот премиер им заблагодари на колегите за сериозната посветеност на овој формат што прераснува во традиција, и кој, според него, придонесува за продлабочување на регионалната соработка и за развој на добрососедските односи.

Борисов истакна дека четирите земји имаат заедничка одговорност за зајакнување на безбедноста, економскиот развој и поврзувањето на регионот. Изрази уверување дека разговорите за проектите од заеднички интерес ќе продолжат, и дека во оптимални рокови ќе се реализираат постигнатите договори, со цел поврзување, безбедност и стабилност во Југоисточна Европа.

 

Марина Ристова