Случај „Кашоги“

Ријад тврди саудискиот новинар бил опасен исламист

02.11.2018 12:50

Според саудискиот принц, убиениот новинар Кашоги бил опасен исламист. Во телефонски разговор со зетот на американскиот претседател Трамп, Џаред Кушнер, и советникот за национална безбедност Џон Болтон, принцот изјавил дека Кашоги бил член на Муслиманското братство. Колумнистот на „Вашингтон пост“, познат критичар на владата на Ријад беше убиен во конзулатот во Истанбул. Неговото семејство ги негира тврдењата. Американскиот Стејт департмен бара итно пронаоѓање на телото на Кашоги...

Според американските медиуми, во телефонски разговор со претставници од Белата куќа, саудискиот принц Бин Салман тврдел дека убиениот новинар Џамал Кашоги бил опасен исламист и член на Муслиманското братство. Разговорот се случил на 9 октомври, седум дена откако исчезна колумнистот на „Вашингтон пост“, познат по острата реторика кон владата на Ријад. Саудиска Арабија ги негира медиумските написи за разговорот со официјален Вашингтон. Стејт департментот бара итно пронаоѓање на телото.

По повод Меѓународниот ден за прекинување на неказнивоста на злосторствата против новинарите, на Ајфеловата кула во Париз беа изгаснати светлата во знак на почит кон убиените медиумски работници.

Џамал Кашоги беше убиен точно пред еден месец во конзулатот во Истанбул. Бараме меѓународна истрага од генералниот секретар на ООН Гутереш. Барам владите да вршат поголем притисок врз Ријад за да се спроведе слободата на печатот и во Саудиска Арабија“, изјави Кристоф Делоар, генерален секретар на „Репортери без граници“.

Не очекувам никаква промена. Поради тоа дојдов овде зашто се надевам дека случајот на Кашоги ќе означи почеток на нешто ново и крај на овие инциденти“, изјави Фабиола Бадави, поранешна колешка на Кашоги.

Поради инцидентот, Саудиска Арабија се соочува со притисок и од меѓународната заедница. САД укинаа визи на нејзини државјани, а најавени се и санкции за поединци кои биле вмешани во убиството на Кашоги. Казнени мерки најави и Франција, а Обединетото Кралство размислува за заострување на тонот кон Саудиска Арабија и поради други прашања.

 

Маја Филдишев