Инфраструктура

Дополнителни 187 милиони евра за изградба на Кичево- Охрид

02.11.2018 14:40

Дополнителни 187 милиони евра за изградба на автопатот Кичево- Охрид со кредит од кинеската Ексим банка. Трет анекс на договорот со изведувачот на градежните работи. Ќе се градат девет клучки. Владата тврди- сумата за реализација е намалена, заштедени се 95 милиони евра...

Aвтопатот Кичево- Охрид ќе чини дополнителни 187 милиони евра. Владата го усвои третиот анекс на договорот. Според вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, проектната документација била погрешна, имало несоодветни геомеханички испитувања, како и нерешена експропријација, што било причина за забавените градежните активности. Се најавува интензивирање на работите на делницата од 57 километри.

Откако анексот ќе биде одобрен од Собранието, парите ќе се обезбедат со кредит од кинеската Ексим банка. Претходниот кредит беше со два процента фиксна каматна стапка, рок на отплата од 20 години и петгодишен грејс- период.

Со новиот договор, кинеската компанија „Синохидро“ ќе треба да ги изгради и клучките кои претходно не биле предвидени, вели министерот за транспорт, Сугарески.

Автопатот Кичево- Охрид треба да биде готов до средината на 2021-ва година.

 

Дијана Ценевска