Квадрилатерална средба на лидери од Балканот
Во Варна средба на Борисов со Вучиќ, Данчила и Ципрас. Бугарскиот, српскиот, романскиот и грчкиот премиер ќе разговараат за регионалните инфраструктурни проекти. Но, и за теми поврзани со стабилноста на Балканот...

Бугарскиот премиер Бојко Борисов, домаќин на петтата квадрилатерална средба со лидерите на Грција, Романија и Србија, Алексис Ципрас, Виорика Данчила и Александар Вучиќ. Четворицата лидери со израелскиот премиер разговараа за регионални инфраструктурни проекти, но и теми поврзани со Европа и со стабилноста на Балканскиот регион.
„Разговаравме за многу важни теми за Србија, како што е енергетската поврзаност што е од огромно значење за балканските земји, Бугарија, Грција и Србија. Го запознавме премиерот Нетанјхау со најновиот проект „Истмед“, чија цел е испорака на гас за Европа“, рече претседателот на Србија, Вучиќ.
„Ова е добро за економиите на нашите земји, бидејќи ќе имаме можност да купиме најевтин гас, а конкуренцијата ќе ги намали цените“, додаде бугарскиот премиер Бојко Борисов.
„Сите сме дел од една цивилизација, сите сме демократски земји и се обидуваме да озбезбедиме подобра иднина за нашите народи“, нагласи Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Бугарскиот премиер им се заблагодари на колегите за сериозната посветеност на овој формат што прераснува во традиција, и кој, според него, придонесува за продлабочување на регионалната соработка и за развој на добрососедските односи.
„Денеска ја потенцираме важноста од приклучување на земјите од Западен Балкан во Европската унија“, рече грчкиот премиер Алексис Ципрас.
Ципрас рече дека со бугарскиот премиер ќе потпишат заедничка декларација која ќе ги постави темелите за два важни проекта. Модернизација на Автопатот Александрополис – Бургас – Варна и изградба на автопат на границата меѓу Грција и Македонија кој ќе ги поврзува патиштата кон Софија, Варна и Бургас.
„Состанокот е добра прилика да се продолжи дијалогот меѓу нашите земји бидејќи имаме заеднички интерес кога станува збор за стабилна безбедност на регионот“, рече Виорика Данчила, премиер на Романија.
Домаќинот на средбата изрази уверување дека во оптимални рокови ќе се реализираат постигнатите договори, со цел поврзување, безбедност и стабилност во Југоисточна Европа.
Марина Ристова
