Продолжува комисиската расправа за ребалансот на Буџетот
Во Комисијата за финансирање и буџет продолжува амандманската расправа по предложениот ребаланс на државната каса. Најголем број амандмани на пратениците се однесуваат на релоцирање средства за реконструкција на локални и на регионални патишта. Министерството не ги прифати со став дека се во рамките на ингеренциите на локалните власти...

Најголем број разгледани амандмани на пратениците се однесуваа на релоцирање средства за реконструкција на локални и на регионални патишта, што за ресорот финасии не беше прифатливо. Одговорот беше дека се во ингеренција на локалните власти, а општините можат да аплицираат на тековниот јавен повик за користење средства од Светска банка, или пак, се во домен на ЈП за државни патишта. Сепак заменик- министерката Елези прифати еден амандман за изградба на пристапен пат до археолошкиот локалитет Тауресиум.
Предлог- амандманот на пратеникот Илија Димовски од ВМРО- ДПМНЕ предизвика внимание и од предлагачот, но и од владејачката СДСМ. Идејата за изградба на обиколница околу Велес, за што Димовски првично побара 200 милиони денари, а потоа износот го намали на симболични 2 денара за да влезе во Буџетскиот процес, не беше прифатена од заменик - министерката за финансии, но СДСМ излезе со предлог-идејата да ја туркаат заеднички со ВМРО-ДПМНЕ при подготовка на буџетот за 2019-та.
Неофицијално пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ поднеле околу 180, а партиите на Албанците над десеттина амандмани кои што треба да бидат разгледани при амандманската расправа во матичната Комисија за финансирање и буџет.
Свето Николовски
