Субвенции

Голем интерес за мерката „Млад земјоделец“

05.11.2018 10:37

Младите земјоделци сѐ повеќе се заинтересирани за вложување во сопствен бизнис. На последниот оглас за финансиска поддршка се пријавени двојно повеќе од ланските 600 фармери. Најголем дел од барањата за субвенција од 10 илјади евра се за набавка на трактори...

На последниот оглас за субвенционирање на младите земјоделци пристигнале 1.045 апликации или скоро двојно повеќе од ланските 600.

Од нив склучените 424 договора во Платежната агенција, а се исплатени 175 милиони денари на 313 земјоделци со неповратна финансиска подршка од по 10.000 евра. Најголем дел се за набавка на трактори и механизација, како и за почнување сопствен агро бизнис на млади лица заинтересирани за земјоделство кои се невработени повеќе од две години.

Платежната агенција ќе направи проверка на документацијата на сите 1.045 апликации, а потоа ќе се испитува оправданоста на инвестицијата и ќе се врши рангирањето.

Предност ќе имаат млади кои се невработени и кои живеат во ридско планинските подрачја со отежнати услови за стопанисување.

Приоритет ќе имаат и жените фармери – носители на земјоделски стопанства за што ќе се добиваат дополнителни поени.

 

Методија Трајков