Политика

Во среда нацрт- амандманите пред Уставната комисија

05.11.2018 10:43

Во среда во Уставната комисија почнува расправата по нацрт-амандманите на највисокиот правен акт. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на координација со раководството. Ќе се гради стратегијата на натамошните активности...

За в среда, на 7-ми ноември е закажана седница на собраниската Комисија за уставни прашања. На дневен ред, поднесените нацрт- амнадмани од Владата за промена на Уставот.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека нема да дадат поддршка. За партијата се неприфатливи предвидените измени во преамбулата на највисокиот правен акт. „Не прифаќаме промена на Уставот со цел промена на уставното име“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Владиниот предлог е во уставот да се интервенира со четири амандмани: името на државата да се промени во Република Северна Македонија, освен во Членот 36 којшто има историски контекст. Одлуките на АСНОМ, во Преамбулата се заменуваат со Прогласот од првото заседание и се додава Охридскиот Ррамковен договор. Се наведува и дека Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави, а во последниот, четврти амандман - освен гаранција за македонскиот идентитет, стои дека Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани во странство и ги унапредува нивните врски со татковината.

Откако амандманите ќе бидат разгледани пред комисите, за нив ќе се расправа на пленарната седница. За конечните измени е потребно 2/3 мнозинство.

 

Викторија Милевска