Собранието утре ќе расправа дали ќе му го одземе мандатот на Груевски

05.11.2018 10:54

Според Уставот, мандат на пратеник може да се одземе со двотретинско мнозинство гласови.

Утре на седницата на Комисијата за деловнички и мандатно- имунитетни прашања ќе се разгледува предлогот за одземање на пратеничкиот мандат на екс- премиерот Никола Груевски. Според Уставот, мандат на пратеник може да се одземе со двотретинско мнозинство гласови.

Според најавите, денеска адвокатскиот тим на Груевски ќе достави жалба по одлуката на Кривичниот суд со која го одби неговото барање за одлагање на казната.

Судот смета дека отсуството на Груевски како пратеник не е на штета на Собранието. Бранителите очекуваат Кривичниот совет да реши најдоцна до 8-ми ноември кога според упатниот акт Груевски треба да се јави во затворот во Шуто Оризари.

Двете причини на кои се повикуваше екс- премиерот во жалбата беа обврските како пратеник поради процесите поврзани со уставните измени и на докторската теза да напише книга.

Адвокатите на Груевски доставиле и барање до Врховниот суд за вонредно преиспитување на пресудата, но и одложување на издржувањето на казната.