Рохани се закани дека нема да ги почитува санкциите
Иранскиот претседател Рохани се закани дека нема да ги почитува воведените санкции од САД. Поддршка бара од Европската унија. Иран го потпиша договорот со 6 светски сили и со ЕУ во 2015 година, според кој ја укинува нуклеарната програма во замена за укинување на рестрикциите врз нафтената продажба...

Владата на Иран непокорна и по реактивирањето на санкциите од САД врз виталните енергетски и банкарски сектори на Техеран. Лидерот на исламската република Рохани се закани дека нема да ги почитува мерките од Вашингтон бидејќи нивната цел, според него, е целосно запирање на нафтеното производство. Со најновите санкции Иран ги губи сите економски придобивки кои САД му ги даде со нуклеарниот договор во 2015 година којшто го склучи со Велика Британија, Франција, Германија, Кина и Русија. Од новата рунда санкции, ќе претрпат последици уште стотици физички и правни лица од морскиот транспорт, банкарскиот и осигурителниот сектор на Иран.
„Со помош од народот, но и обединетоста во нашето општество, ќе ја натераме Америка да сфати дека не смее да користат јазик на насилство, притисок и закани кога му се обраќаат на големиот ирански народ. Еднаш засекогаш мора да бидат казнети“, изјави Хасан Рохани, претседател на Иран.
Државниот секретар на САД во одбрана на одлуката на челникот на Белата куќа. Во мај, Трамп се повлече од Спогодбата која ја нарече „најлош договор во историјата“. Поддршка и од Израел.
„Стотици бизниси го напуштија Иран. Целиот свет разбира дека се реални санкциите. Тие му даваат можност на иранскиот народ да направи промени кои очајно ги посакува и да го спречи Иран да ги користи богатството и парите за поддржување на теророт низ светот“, рече Мајк Помпео, државен секретар на САД.
„Со години барам враќање на санкциите за терористичкиот режим на Иран, кој е закана за целиот свет. Веќе се чувствува ефектот од првичните мерки, економијата им е влошена, резултатите се очигледни. Ви благодарам, претседателе Трамп, за историскиот потег“, вели Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Дел од водечките увозници на иранска нафта разочарани од одлуката на Вашингтон.
„Кина жали за одлуката на САД. Меѓународната заедница е против едностраните санкции. Сеопфатниот договор за нуклеарното прашање на Иран е мултилатерален договор одобрен од Советот за безбедност на Обединетите Нации и треба целосно и ефикасно да се спроведува“, изјави Хуа Чунјинг, портпарол на МНР во Кина.
Европската унија претходно воспостави механизам за заобиколување на американските санкции и го убеди Иран да остане во договорот за да си ја спаси економијата.
Маја Филдишев
