Избори за оценка на политиката на Трамп
Утре нов тест за политиката на претседателот Трамп. Американците ќе избираат 435 конгресмени и третина од членовите на Сенатот. Според најновите анкети, Демократите се во предност пред Републиканците...

Американските граѓани утре ќе гласаат за членови на Претставничкиот дом на Конгресот на САД, за една третина од сенаторите, за 36 гувернери на сојузните држави, и за претставници во државните законодавни тела и во органите на локалната власт.
Изборите кои се одржуваат две години по претседателските, се познати како „избори на половина мандат“, бидејќи се спроведуваат на средина од мандатот на актуелниот претседател.
Иако овие избори немаат директно влијание врз позицијата на актуелниот претседател, овој пат Трамп, тие сепак се можност за Американците да го дадат своето мислење за политиката на неговата администрација.
Трамп изјави дека неговиот фокус пред сѐ е ставен врз изборите за Сенатот, навестувајќи дека не е голем оптимист по повод можноста Републиканците да ја задржат контролата врз Претставничкиот дом на Конгресот.
„Не очекуваат најважните избори во нашите животи. Ова се многу важни избори. Ако Демократите добијат предност, еден од нивните први проекти ќе биде социјалистичко преземање на американскиот здравствен систем“, изјави Трамп.
Во последната фаза на кампањата, Трамп ја заостри својата реторика за имиграција, вклучувајќи и предупредувања за караваните на мигранти кои се упатија кон границата на Мексико со Соединетите држави.
Анкетите за јавното мислење покажуваат дека Демократите ќе успеат да освојат уште 23 места што им се потребни за да имаат мнозинство во Претставничкиот дом на американскиот конгрес. На изборите за претставничкиот дом во мандатниот период 2017-2019 година, што се одржаа во ноември 2016-та година, Републиканците освоија 241 место, а Демократите 194. Во моментов во Претставничкиот дом седат 235 Рапубликанци и 193 Демократи, а седум места се празни.
Аналитичарите прогнозираат дека на најновите избори Демократите ќе освојат околу 225 места во Претставничкиот дом, а Републиканците околу 210. За мнозинство во Претставничкиот дом се неопходни 218 мандати.
Марина Ристова
