„И родителството се учи“

Со кампања ќе се менува сликата за одговорно родителство

05.11.2018 13:45

Осум од десет родители во Македонија со насилни методи ги дисциплинираат децата. Не постои школа за успешно родителство, но тоа се учи. Како со нашето однесување подобро да влијаеме на децата- Владата со кампања, поддржана и од Европската унија. Меѓу приоритетите и борбата против насилството врз децата...

Да растеме самоуверени и успешни деца. Државата, ЕУ и УНИЦЕФ со кампања ќе ја менуваат сликата за одговорно родителство. Три министерства ќе се вклучат во акцијата „И родителството се учи“ која има за цел да ги елиминира податоците според кои осум од десет родители во Македонија со насилни методи ги дисциплинираат децата. Без разлика дали е физичко или психичко насилството, тоа влијае врз нивниот развојот. Царовска вели во 15 градинки има советувалишта за учење одговорно родителство, но потребни се и други мерки.

„Ако ги научиме родителите да бидат добри и посветени, директно влијаеме врз социјалниот, емотивниот и интелектуалниот развој на секое дете, а тоа е човечкиот потенцијал на земјата“, изјави министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

Во првите години од животот човечкиот мозок се развива со најголема брзина, секое негативно искуство влијае врз развојот на детето. Министерот за здравство вели, ќе се зајакнуваат патронажните служби кои први имаат контакт со родителите.

„Деца кои се сведоци или сами страдаат од насилство многу веројатно ќе страдаат од насилство како возрасни, но можат и да станат насилнициКај децата кои доживуваат негативни искуства во раното детство постои поголема веројатност да имаат сериозни здравствени проблеми“, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.

Евроамбасадорот Жбогар додава дека ова е проблем во цела Европа. Податоците на Светската здравствена органиозација се алармантни, секое десето дете е жртва на сексуална злоупотреба, секое четврто е предмет на насилство, а секое трето на психолошка злоупотреба.

„Извештајот на Евопската комисија за Македонија од оваа пролет покажува дека иако правата на детето се втемелени во законот, постојното законодавство мора да се спроведува. Овој извештај, исто така, наведува дека има многу мал капацитет за обезбедување поддршка, заштита и грижа за децата“, вели евроамбасадорот Самуел Жбогар.

„На овој начин ѝ се помага на земјата да стане отпорна и да се ублажи ефектот на насилството и запоставеноста на децата за да се развиваат и станат најдобри верзии од себе кога ќе минуваат низ животниот циклус, што е битно и за социјалниот и економскиот развој на општетството“, нагласува Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ.

Зајакнување на стручните служби се планира и во образовниот процес. Стручна поддршка и совети за родителите, особено ако кај нивните деца се забележи несоодветно однесување или намалување на успехот.

 

Андријана Атанасовска