Одбележани 65 години од основањето на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“
65 години негување на македонскиот јазик и научни истражувања за негова промоција во светски рамки. Институтот „Крсте Мисирков“ одбележува шест ипол децении од основањето. Испратен апел за повеќе пари за истражувачки проекти и вработувања. Надлежните велат, континуирано вложуваме во афирмацијата на институтот...

65 години Институтот „Крсте Мисирков“ е афирматор и промотор на македонскиот јазик. Низ годините преку бројните истражувања и објавените научни трудови, вработените успеаа да го унапредат и проучат јазикот, но и да му го претстават на светот. И покрај сите напори, парите за проекти не се доволни, нема и подмладок, со тоа институтот заостанува зад колегите од славистичкиот свет, велат од институтот.
На 65- годишниот јубилеј надлежните тврдат дека во изминатите две години се зголемува финансиската поддршка за нови книги и обука на вработените.
Огромното творештво посветено на македонискиот јазик е доказ дека институтот ја постигнал целта, а тоа е сестрано да го истражи македонскиот јазик, да постигне врвни резултати и да го афирмира во меѓународни рамки, заклучок на МАНУ и УКИМ.
Јазикот и културата, состојби и предизвици- ќе бидат тема на дебата на еминенти професори од земјава и странство на меѓународната конференција која ја организира институтот во рамките на отворените денови по повод јубилејот.
Викторија Милевска
