Собрание на РМ

Соботка: Потребни се храбри чекори

05.11.2018 14:46

Со Договорот за добрососедство со Бугарија и спогодбата од Преспа, вратите за членство во ЕУ и НАТО се отворени, вели претседателот на Националниот совет на Австрија, Соботка. Спикерот Џафери очекува усвојување на уставните измени, бидејќи Македонија нема план Б...

Знам дека процесот на пристапување кон ЕУ предолго трае и Европа не може секогаш да ги исполни сите надежи, но јасно е дека ниту една држава не може сама да ги реши големите предизвици, истакна Соботка во обраќањето пред Парламентот.

Нужните промени на Уставот кои што се неопходни за промена на името бараат храбри чекори, знам дека не е лесно за опозицијата да ги следи одлуките на власта, но која е алтернативата на земјата доколку не може да ги реши внатрешните конфликти, истакна Соботка.

И претседателот на македонскиот Паралемнт, Талат Џафери, смета дека Македонија немала друга алтернатива освен усвојување на уставните измени.

Прашан за тоа што би се случило доколку Македонија ги исполни своите обврски од договорот, а Грција не, Соботка смета дека Атина ќе се придржува до обврските поради фактот што Унијата секогаш била одговорен партнер за јужниот сосед во тешките моменти.

Според него, државите на Западен Балкан недостасуваат во Европската унија, но во минатото некои процеси на прием пребргу се одвивале и структурите за демократски развој и борба против корупција не биле толку успешни, па денес сѐ уште претставувале предизвици за Унијата.

Претседателот на австрискиот Национален совет се сретна и со претседателот на Комисијата за надворешна политика, Антонијо Милошоски.

 

Марија Котовска