Инвестиции во пристапни патишта до земјоделско земјиште
Поради непостоењето на патишта, земјоделците имаат проблем со пристапот до своите обработливи површини. Решението фармерите неможат да го најдат сами туку во соработка со општините. Од Програмата за рурален развој секоја година се издвојуваат пари за изградба на инфраструктурата.

За инвестиции во пристапни патишта до земјоделското земјиште на огласот кој е во тек може да се јават сите единици на локалната самоуправа.
На располагање се вкупно 10 милиони денари, а општините овие средства може да ги користат во капитални инвестиции, за подобрување и олеснување на животот во руралните средини и полесен пристап до нивите.
Една општина може да користи најмногу до еден милион денари, а финансиска поддршка е неповратна.
Парите ќе може да ги користат за набавка на градежни материјали, за плаќање услуги на трети лица за изведување на градежни работи и за изработка на елаборати и студии, и планска и техничка документација.
Исплатата е по принцип на финансирање на завршените инвестиции во висина од 100 проценти од вредноста на одобрените и прифатливи трошоци и тоа на рати или според фазите на реализација.
Огласот ќе трае до 17-ти ноември.
Методија Трајков
