Американците бираат членови на Конгресот и третина на Сенатот
Годинашните конгресни избори во САД се одржуваат во услови на зголемена поларизација на американското општество, првенствено поради политиките на претседателот Доналд Трамп. Резултатите неизвесни и за двата дома каде што досега главниот збор го имаа Републиканците...

Американците на избори за членови на Конгресот и властите на сојузните држави, на кои Демократската партија повторно може да стане важен фактор на политичката сцена. Се бираат 435 членови на Претставничкиот дом и третина од членството на Сенатот. Таканаречените „меѓуизбори“ се спроведуваат на средина од мандатот на актуелниот претседател и немаат директно влијание врз позицијата на челникот на Белата куќа. Според аналитичарите, иако името на Трамп не е на гласачките ливчиња, годинашното гласање е референдум за 45. американски претседател, и влијанието на неговата жестока реторика и строга политика. Неколку часа пред изборите, компанијата „Фејсбук“блокираше 115 илјади кориснички сметки поради дојавата на американските власти за можна поврзаност со „странски ентитети“. Дел од славните личности ги искористија и „Инстаграм“ и „Твитер“ за да ги повикаат сограѓаните да излезат на гласање.
„Овие избори ќе решат дали и натаму ќе се нарекуваме демократија, и дали ќе живееме во земја со соживот на различностите. Најважно е да се гласа. Кога ќе остарат помладите, треба да се свртат наназад и да бидат сигурни дека сториле сѐ што можеле“, вели актерката Џејн Фонда.
„Можеме и мораме да гласаме. Секоја Американка која има право да гласа, мора да го стори тоа. Или, нека не се жалат веќе. Ако не гласаат, нека не се жалат“, рече пејачката Шер.
„Луѓето се агенти на историјата и тие го менуваат светот. Тие го урнаа Берлинскиот ѕид, го укинаа апартхејдот, им дадоа право на жените да гласаат. Обичниот човек го смени светот, и сега е време да се стори истото“, изјави Том Морело, гитарист на „Ратм“.
Во Претставничкиот дом се прогнозира доминација на демократите, а во Сенатот - задржување на републиканското мнозинство. Паралелно се избираат и гувернери на 36 американски сојузни држави, членови на државни парламенти, како и некои претставници на органите на локалната власт, вклучително и градоначалник на главниот град Вашингтон. На сите нивоа се номинирани рекордни 257 жени и 203 претставници на ЛГБТ заедницата. Во Флорида и Џорџија првпат за гувернер можат да бидат избрани Афроамериканци, а во Мичиген и Минесота во трката за органите на власта за првпат учествуваат и припаднички на муслиманската вероисповед.
Маја Филдишев
