Наскоро нов колективен договор за административните и судските службеници

06.11.2018 15:25

УПОЗ, министерствата за информатичко општество и за правда разговараа за колективниот договор со кој ќе се регулираат правата на вработените. Според УПОЗ, овој колективен договор ќе ги опфати и судските службеници. На овој начин велат, ќе се елиминираат штрајковите, ќе се зголемат платите, а ќе се менува и Законот за судска служба. Министерот за иформатичко општество оптимист - смета дека договорот ќе се финализира до крајот на годинава...

Наскоро ќе биде потпишан нов колективен договор преку кој ќе се регулираат правата на административните и на судските службеници. Предвидено е да се изедначат платите на судските службеници со останатите во делот на додатоците, а ќе им се вратат и средствата кои им беа одземени за време на штрајкот во 2016-та година.

„Овој колективен договор ќе ги опфати и судските службеници кои 10 – 15 години беа тргнати настрана, никој не сакаше да разговара за нив, сега со ова се создава можност да ги регулираме нивните права, да ги отстаниме штрајковите и протестите во судовите, да се работи во една мирна атмосфера, да ги зголемиме платите“, изјави Пеце Грујоски, претседател на УПОЗ.

За одземените плати на судските службеници наредната недела ќе се одржи средба, на која ќе се изнаоѓаат решенија. Заменик-министерот за правда вели дека ресорот не е надлежен за ова, туку судскиот буџетски совет.     

„Целосно сме запознаени за она што настана за време на штрајкот и со тие решенија за намалувањето, односно за одземањето на платата. Износот на пари не е толку голем за да не може да го издржи тоа судскиот буџет“, вели Оливер Ристовски, заменик министер за правда.

Министерот за информатичко општество и администрација оптимист – очекува колективниот договор да се финализира до крајот на годинава.

„Јас сум оптимист и сметам дека ќе успееме до крајот на оваа година, да го финализираме договорот и да успееме да го потпишеме, ако не оваа тогаш на почетокот на следната година. И да се обидеме да ги задоволиме најголемиот дел од барањата на синдикалците. Нормално не може сѐ, секако дека разговаравме за некои работи се разбравме и најдовме решение, за некои се критикувавме и така треба да биде“, рече Дамјан Манчевски, министер за информатичко општество и администрација.

Манчевски ги информирал претставниците на синдикатот за реформите во администрацијата, кои како што рече, треба да воведат ред во институциите и да спречат политизација на јавната администрација.

 

Андријана Атанасовска