Политика

Во Собранието формирана Комисија за помирување

06.11.2018 15:46

Во Собранието формирано телото за помирување. Со него ќе претседаваат Ташевска- Ременски од СДСМ и Александрова од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ. За Алијансата, на мала врата се протнува амнестија...

Во меѓупартиското парламентарно тело за помирување ќе членуваат потпретседателите на Собранието, координаторите на пратеничките групи, како и пратеници кои не се во пратеничка група. Претставник треба да одредат и поголемите пратенички групи- СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со коалициите. Со ова тело за помирување ќе претседаваат потретседателката на Собранието, Фросина Ременски и пратеничката Емилија Александрова.

Формирањето на телото за помирување беше еден од условите на осумте пратеници од независната пратеничка група која произлезе од ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за отворање на Уставот.

Само што почна состанокот, Сурија Рушити од Алијансата на Албанците ја напушти средбата, бидејќи како што рече не добил соодветен одговор кој со кого треба да се помирува.

Од среда стартува и комисиската расправа за четирите амандмани за промена на Уставот. Додека ВМРО-ДПМНЕ најавува жестока дебата, останатите во Собранието велат дека не може да има блокада или опструкции.

Спикерот Џафери вели- деловникот е доволно прецизен. За секој од четирите амандмани предвидени се по три дена расправа. И да има процедурални забелешки или пак опструкции, за најмногу 12 дена расправата во Уставната комисија ќе заврши. Пленарната седница е закажана за 1-ви декември. За да поминат уставните измени потребно е двотретинско мнозинство или 80 гласа „за“.

 

Мили Ристески