Одбрана

Воениот комитет на НАТО со пофалби за постигнатите стандарди

06.11.2018 16:08

Пофалби за придонесот и за професионалноста на припадниците на АРМ во меѓународните мисии. Високи воени претставници на 29 земји- членки на Воениот комитет на НАТО во посета на Македонија...

Воениот комитет на НАТО со пофалби за постигнатите стандарди на македонската Армија и благодарност за придонесот во мировните операции. Прв состанок во Скопје во формат 29+1, со присуство на високи воени претставници на сите земји- членки на Алијансата и на Македонија како држава која доби покана за прием.

Со највисокото воено тело на НАТО претседава заменик- претседателот, американскиот генерал Стивен Шепро, бидејќи претседавачот, британскиот генерал Стуард Пирс заедно со генералниот секретар Столтенберг се во посета на Авганистан. Генерал Шепро истакна дека македонските сили веќе дејствуваат како сили на НАТО, бранејќи го штабот на мисијата во Авганистан.

Началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Васко Ѓурчиновски на колегите од Воениот комитет им го претстави Стратегискиот одбранбен преглед и плановите за опремување и модернизација на декларираните единици за учество во мировни операции на Алијансата. Од почетокот на годинава бројот на војниците во мисии зголемен за 20 насто.

Министерката за одбрана Шекеринска пак, најави дека Македонија ќе го зголеми учеството во мировните операции на НАТО за 25 проценти до крајот на годинава. Во Авганистан ќе има 60 војници и првпат на Косово во КФОР, еден штабен офицер.

Воениот комитет на НАТО во инспекција на македонските декларирани единици за мировни мисии на полигонот „Криволак“ и во касарната „Илинден“.

 

Ирина Гелевска