Не стивнуваат реакциите по најавата за прогресивен данок
Не стивнуваат реакциите по најавата на Владата за воведување прогресивен данок. Премиерот Заев смета дека ова ќе придонесе за изградба на фер и праведно општество, и оти нема да и се нанесе штета на економијата. Стопанските комори оценуваат, секое оптоварување на фирмите ја намалува конкурентноста. Според опозицијата, ќе се зголеми сиромаштијата...

Нема отстапувања, ред е тие што имаат поголеми приходи да платат повеќе, тие што имаат помалку да добијат низ институциите на системот. Ова е ставот на премиерот по реакциите на бизнис заедницата за воведување на прогресивниот данок. Заев уверува, прагот на оданочување од 90 илјади денари нема да ја уништи средната класа, даночната реформа опфаќа само еден насто од граѓаните со лични примања.
„Дај боже сите да имаме приход над 90.000 денари. Мојот месечен приход е 87.000 денари. Тоа е платата на премиерот. Зборуваме за приход над премиерската плата, над претседателската плата веројатно во државата, над пратеничката плата. Реално се акумулираат некои средства од 25 милиони евра, но преку 34 милиони евра враќаме пари за зголемување од 300 проценти на социјалната помош. За 400 пати се зголемува грижата за децата од следната година. Да не зборуваме дека треба да има мотивирани и медицински сестри и специјалисти и лекари во државата. Да не зборуваме дека за прв пат во милионски суми на евра враќаме во деловната заедница преку поддршка на инвестициите“, вели премиерот Заев.
По реакциите, премиерот ја убедува бизнис заедницата дека ќе има ќар со даночната и социјална реформа, со порастот на платите и социјалната помош ќе се зголеми потрошувачката моќ, а тоа ќе се рефлектира на домашните компании.
Бизнисмените се револтирани дека не биле целосно консултирани. Од Сојузот на стопански комори велат дека не се против прогресијајата на данокот, туку против избрзани решенија што не се добро изанализирани. Бараат пролонгирање. Од Стопанската комора пресметале 35 насто повисоки трошоци за плати, 50 проценти повеќе за другите давачки. Убедени дека документот не е официјален, и може да се измени. Деталните пресметки ставовите на странски фирми во земјава и разликите на релација бизнис- влада допрва ги пеглаат.
Министерто Тевдовски е убеден дека станува збор за праведно оданочување, издржано решение со праг доволно високо поставен.
Се огласи и Стопанската комра на информатички технологии. Бизнисот кој се посочува со најголеми лични доходи бара одлгање на даночните реформа за која меѓудругото велат, наместо фискален ефект, ќе наметне даночна непослушност, намалена продуктивност и ќе биде двигател на сивата економија.
Со воведување на прогресивниот данок, СДСМ ја зголемува сиромаштијата во Македонија која и онака е огромна- обвинуваат од опозициската ВМРО ДПМНЕ.
Владата најави 18 насто персоналец на приходи над 90 илјади денари, зголемување за 0,4 проценти на придонесите за пензиско осигурување, воведување социјална пензија за оние со работен стаж само еден ден. Со даночните и пензиски реформи за 50 насто поголем ќе биде и данокот на капитални добивки, кирии.
Сузана Фиданска- Стоевска
