Политика

Документацијата се подготвува, се бара екстрадиција на Груевски

15.11.2018 11:10

Нема ништо тајно и заткулисно- премиерот Заев категорично ги отфрли шпекулациите за било каков политички договор со Никола Груевски. Министерството за правда ја подготвува документацијата. Македонската Влада од Унгарија бара екстрадиција на екс премиерот. Официјална Будимпешта дозволи Груевски да го достави барањето за азил...

Премиерот Заев категорично ги отфрла шпекулациите за било каков политички договор со Никола Груевски. Вели- нема ништо тајно и заткулисно. Шефот на Владата смета дека институциите не направиле пропуст, освен ако Груевски бил пропуштен од граничната полиција на премините. Македонската Влада од Унгарија бара екстрадиција на екс премиерот.

„Каков кукавица е тој кој што цело време велеше дека за Македонија е спремен да оди во затвор без разлика што ќе се случи, само да не бидат сите други таргет, е спремен да ја прифати одговорноста и слично, дојде моментот за прифаќање на одговорноста, избега како кукавица надвор од државата, обидувајќи се претходно да добие нови аболиции. Тоа само по себе потврдува дека е виновен за тоа за што е осуден. Ќе направиме сѐ што е во наша надлежност да го вратиме назад Груевски“- рече премиерот Зоран Заев.

Министерството за правда ја подготвува документацијата. Пристигна дописот од МВР за екстрадиција на Никола Груевски за издржување на казна затвор од две години. Почнавме постапка за обезбедување на материјалите од судот и подготовка на образложение за екстрадиција. Откако ќе ги завршиме овие технички работи ќе биде побарана екстрадиција од унгарските власти – информираа од Министерството за правда.

Се огласија од кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан. Со оглед на тоа дека десетина години беше премиер, поради безбедносни причини, унгарските власти дозволија Никола Груевски барањето за азил да го достави и да биде сослушан во седиштето на Канцеларијата за имиграција и азил во Будимпешта. Канцеларијата ќе спроведе постапка за проценка на барањето за азил во согласнот со унгарското и меѓународното право- се вели во дописот.

Македонија е стратегиски партнер и важен сојузник на Унгарија и не сакаме на никој можен начин да се мешаме во внатрешните работи на суверените држави, и постапката за проценка на барањето на поранешниот премиер на Македонија за азил го сметаме чисто за правно прашање- се вели во соопштението.

Се додава дека согласно законите, властите на Унгарија не смее да објават дополнителни информации и детали поврзани со постапката за азил, до нејзино целосно спроведување.

Унгарските опозициски партии ја повикаа Владата на Орбан да го уапси и брзо да го екстрадира поранешниот премиер Никола Груевски, кој побара азил во земјата.